Регионално медиумско вмрежување за подобри работни услови

„Безбедност и здравје при работа, стандарди за истражувачко новинарство и известување, потреби и протокол за дејствување на медиумска мрежа на регионално ниво од областа на трудот“ беше темата на работилницата која минатата недела се одржа во Охрид, во организација на Македонското здружение за заштита при работа – Скопје. На работилницата учествуваа новинари и претставници на медиумски организации од пет држави: Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Косово.

Преку потпишување на меморандум за заедничка соработка се утврдија целите за функционирање на регионалната мрежа и потребата од подобрувањето на комуникацијата и соработката меѓу граѓанските организации, медиумите/медиумските организации и новинарите во промоцијата на прашањата поврзани со трудот, условите за работа и безбедноста и здравјето при работа во земјите од Западен Балкан, истакнаа од МЗЗПР.

„Дополнително, оваа неформална мрежа има за цел да ја консолидира стабилноста на земјата и да ја забрза нејзината политичка, економска и социјална реформа во избраната рамка на евроатлантската интеграција“, велат од организацијата.

Учесниците од Балканскиот регион работеа на тоа како новинарите преку истражувачкото новинарство можат да придонесат кон зајакнувањето на регулативата од областа на безбедноста и здравјето при работа и како истата да се приближи до европската регулатива. Исто така, учесниците имаа можност да работат на тоа како треба да изгледа структурата на истражувачката приказна, при што се споделија голем број теми за истражувачки приказни, како на пример, градежните работници и безбедноста и здравјето при работа, Македонија како единствена земја која нема статистика за тежината на повредите со коишто се здобиле работниците при извршувањето на работата. Исто така имаше и сторија со наслов „Само број“ која се однесуваше на тоа дека работниците кои доживеале несреќа се водат само како статистика и дека не се прави доволно за да се откријат причините за истата.

Во текот на целата работилница се отворија низа на дебати, па стана збор и за тоа зошто е потребно да се креира оваа мрежа на новинари и зошто е потребно заедничко делување, на професионалците од областа на БЗР и на медиумите, на регионално ниво. Заклучоците беа дека сите држави имаат слични проблеми. Истите се однесуваат на големиот број на повреди, недоволната ангажираност од страна на институциите и непочитувањето на регулативата од областа на БЗР, како и немање на регистри на повреди при работа.

На работилницата, внимание се обрна и на тоа колку се почитуваат правата на медиумските работници за безбедноста и здравјето при работа, притоа ставовите беа во насока дека новинарите и медиумските работници не се доволно заштитени. Законот за работни односи често се прекршува од страна на работодавачите во медиумскиот сектор, па медиумските работници се принудени да работат во лоши услови. Се заклучи и дека потребни се дополнителни мерки за да се поттикне истражувачкото новинарство и намалување на само- цензурата во медиумите.

Сите заинтересирани медиуми од Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија можат да се приклучат кон иницијативата, велат од МЗЗПР додавајќи дека истите можат да се обратат до организацијата која е координатор на иницијативата.

Проектот е финансиран од страна на Европска унија.

Текстот е превземен од порталот РАБОТНИК

Posted in NEWS, МЗЗПР.